Фудбалските репрезентации на Шпанија и Германија ремизираа 1:1 денеска во дербито од второто коло на Светското првенство во Катар. Црвената фурија сега води во групата „Е“ со четири бодови, по три имаат Јапонија и Костарика, а еден Германија.
Сите четири селекции имаат шанси за осминафиналето, на 1 декември ќе се играат мечевите од последното трето коло, Германците мора да атакуваат на победа против Костарика, но ќе им треба и „услуга“ од Шпанија да триумфираат против Јапонците.
На денешниот дуел составот на Луис Енрике прв дојде до предност, во 62 минута Алба ја испрати топката во петерецот, а таму на правото место беше Мората кој шутираше преку Нојер за 1:0.
Израмнувањето се случи во 83 минута кога Германците искористија една лоша реакција на шпанските играчи. Мусиала беше пред Родри, го пронајде Филкруг кој стрелаше силно под пречката за 1:1. Германија имаше шанса во финишот да направи целосен пресврт, Сане се најде во идеална прилика, но наместо веднаш да шутира, отиде предалеку на страна.