Францускиот фудбалски репрезентативец Антоан Гризман ќе може да го предводи нападот на Атлетико Мадрид на наредниот меч од Лигата на Шампионите против Милан, откако УЕФА реши да го „помилува” и да му ја намали казната.
Гризман „поцрвене“ на мечот во Мадрид против Ливерпул откако со „отворен ѓон“ стартуваше врз главата на Роберто Фирмино.
Дисциплинската комисија на УЕФА му изрече казна од два меча неиграње, тој го пропушти вториот дуел со Ливерпул на „Енфилд“, но денеска жалбата на шпанскиот клуб беше прифатена, со што казната е намалена од два на еден меч суспензија.
Гризман дефинитивно ќе биде во комбинација за настап на мечот со Милан, натпревар што „јорганџиите“ мораат да го добијат.
По четири комплетирани кола Атлетико со четири бода се наоѓа на третото место во групата зад Ливерпул со 12 и Порто со пет бода, единствено пред Милан со еден освоен бод.