Норвешкиот репрезентативец Ерлинг Халанд денеска и официјално беше промовиран како нов фудбалер на Манчестер сити потпишувајќи договор со англискиот шампион.
The wait is finally over! 🔵 #mancity @ManCity pic.twitter.com/vt0bLB1w76
— Erling Haaland (@ErlingHaaland) June 13, 2022
Манчестер сити минатиот месец ја активираше откупната клаузула во договорот на Халанд со Борусија Дортмунд од 60 милиони евра, а Халанд при потпишувањето на договорот, изјави дека целиот живот е навивач на „граѓаните“.
– Роден сум во Англија, така што цел живот сум навивач на Манчестер Сити, знам многу за овој клуб. Тука се чувствувам малку како дома. Сум бил на многу натпревари на Сити. Исто така, мислам дека токму во Сити можам да напредувам и да го извлечам најдоброто од мојата игра – рече Халанд.
Одличниот напаѓач смета дека со потписот за Сити го направил вистинскиот потег.
– Манчестер Сити е одличен потег за мене. Во овој тим има толку многу играчи од светска класа, а Гвардиола е еден од најголемите тренери на сите времиња, па верувам дека сум на вистинското место да ги исполнам моите амбиции. Сакам да постигнувам голови, да освојувам трофеи и да напредувам – додаде Халанд.
Халанд потпиша петгодишен договор со Сити, но се уште не е познато со кој број ќе настапува за англискиот тим. Негова желба да настапува со „деветката“ на грбот, но овој број моментно е зафатен од Габриел Жесус.
Сепак, Сити го стави Жесус на трансфер листата и за него има интерес од Арсенал и Челси па со негова продажба ќе се ослободи омилениот број на Халанд.