Капитенот на фудбалската репрезентација на Англија, Хари Кејн, стана нов голгетерски рекордер, откако со погодокот во синоќешниот триумф над Сенегал (3-0) во осминафиналето на Мундијалот во Катар дојде до бројката од 11 погодоци на големите натпреварувања.
Напаѓачот на Тотнем сега е најефикасниот Англичанец на европските и светските натпреварувања, со оглед што го мина Гари Линекер, зад чие име останаа запишани 10 голови. Кејн досега има постигнато седум гола на Мундијалите и четири гола на континенталните собири.
Џуд Белингем, пак, стана најмладиот Англичанец, кој асистирал на Мундијал и тоа со 19 години и 158 дена, откако претходно стана само вториот тинејџер кој стартувал за тимот на Англија во нокаут фаза од Светското првенство. Досега тоа го имаше направено само Мајкл Овен против Аргентина во 1998 година со 18 години и 198 дена.