Претседателот на Светската фудбалска асоцијација, Џани Инфантино, денеска во Цирих прими делегација на Фудбалската федерација на Македонија, предводена од претседателот Муамед Сејдини.
Покрај првиот човек на македонскиот фудбал, Фудбалската федерација на Македонија ја претставуваа генералниот секретар, Наталија Божиновска Илиевска и Владимир Гашевски, член на Управниот одбор на ФФМ.
Во текот на состанокот на кој присуствуваше и директорот на ФИФА за асоцијации членки на Светската фудбалска организација се разговараше за низа важни фудбалски прашања, можностите што ги нуди програмата ФИФА Forward за поддршка на асоцијациите, како и вложувањата во инфраструктурата и женскиот фудбал.
– Фудбалската федерација на Македонија ги поддржува напорите што ФИФА ги прави за развојот на фудбалот преку процесите што ги постави претседателот Џани Инфантино. Под негово раководство, ФИФА направи значајни чекори напред и инвестира во развојот на фудбалот ширум светот, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Тој додаде дека ФФМ успешно ги користи расположливите средства од ФИФА и работи на развој на фудбалот во нашата земја.