среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Ирскиот премиер ја критикуваше УЕФА

Ирскиот премиер ја критикуваше УЕФА

Премиерот на Ирска Мајкл Мартин ја критикуваше Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) поради инсистирањето сите натпревари на претстојното Европско првенство (ЕП) да се играат со публика на стадионите во 12-те градови домаќини ширум Европа.

Реакцијата на ирскиот премиер доаѓа откако Извршниот комитет на УЕФА во петокот му ја одзеде на Даблин организацијата на ЕП, бидејќи не достави гаранции за присуство на гледачи на натпреварите, што беше еден од условите за организација на завршниот турнир.

Трите натпревари од групната фаза што беа планирани да се играат во Даблин се преместени во Санкт Петерсбург, додека еден од осминафиналните натпревари наместо во ирската престолнина ќе се игра во Лондон на стадионот „Вембли“.

-Искрено мислам дека УЕФА е несериозна со поставувањето таков услов до државите. Доколку погледнете што се случува во цела Европа во контекст на Б117 (мутација на Ковид-19) и во поглед на високата преносливост (на вирусот) во европските држави, апелот за враќање на навивачите е погрешен. Никогаш не мислев дека тоа е реален предлог, изјави ирскиот премиер за телевизијата „РТЕ“.

Ирска има една од најниските стапки на заразеност со коронавирусот, но властите во Даблин се одлучија за поспоро отворање на економијата во споредба со другите европски земји.