Во обид да се одбрани од сите напади кои ги добива Барселона за „случајот Негреира“, Жоан Лапорта се одлучи да ја префрли топката и испрати контра-атак кон Реал Мадрид, посочувајќи дека клубот од шпанската престолнина е оној кој добивал најголема помош од судиите и политичарите во својата историја.
Лапорта го нарече Реал „клубот на режимот“ и го обвини за цинизам поради тоа што се почувствувал оштетено од скандалот во кој западна Барселона, но зборовите кои ги испрати на вчерашното обраќање, предизвикаа огромен револт во шпанската престолнина.
– Каков цинизам, постои еден клуб кој вели дека се чувствува оштетено од ова, тоа е Реал Мадрид. Цел свет знае дека Реал Мадрид историски е најфаворизиран тим поради судиски грешки на штета на противниците. Реал Мадрид е познат како клуб на режимот поради моќта која ја има врз политичките одлуки. Седум декади наназад, членовите во судиските комисии се сосиоси на Реал Мадрид, поранешни играчи или директори на овој клуб. Поради тоа, нивните поплаки се чист цинизам, се надевам дека се ќе си дојде на свое место, всушност, убеден сум во тоа, – изјавил вчера Лапорта.
Овие напади од претседателот на Барселона не минаа без одговор, па Реал Мадрид преку својата клупска телевизија направи краток филм, во кој посочува дека каталонскиот гигант бил спасен од банкрот од Генерал Франко во три наврати и прашува „кој е вистинскиот клуб на режимот?“.
Во објавеното видео, се потенцира и една легендарна изјава на неповторливиот Сантијаго Бернабеу, човек по кој е именувам стадионот на „кралскиот клуб“.
– Кога ќе слушнам дека Реал Мадрид е клубот на режимот, сакам да се по.ерам врз таткото на личноста која го вели тоа!, – гласи бруталниот одговор, кој брзо беше споделен и од Икер Касилјас.
Padreo total! Booommmm! https://t.co/JJNB2Ppb7i
— Iker Casillas (@IkerCasillas) April 17, 2023