Англискиот напаѓач Хари Кејн се осврна на поразот од репрезентацијата на Франција (1:2) синоќа во четвртфиналето на Светското првенство во Катар.
– Мундијал се одржува на секои четири години, следната можност ќе треба да се чека долго време. Горд сум на момците, имавме одличен турнир. Ја преземам одговорноста. Имаме талентирани фудбалери, Европското првенство ќе се одржи за година и пол. Тешко е не само за мене, туку и за сите други. Сепак, ова е фудбал, спорт, треба да се оди напред, рече Кејн во интервју за ITV.
Селекцијата на Англија не успеа да ја помине Франција во четвртфиналето. При резултат 1:2, 29-годишниот Англичанец не успеа да реализира пенал.
Репрезентацијата на Англија по деветти пат учествуваше во четвртфиналето на Светските првенства, но Англичаните само три пати имаат успеано да се пробијат во полуфиналето.
Французите во полуфиналето на 14 декември ќе играат со селекцијата на изненадувањето Мароко.