Тренерот на Ливерпул, Германецот Јирген Клоп се помири со фактот дека „црвените“ нема да играат во Лигата на шампионите, но имаше и интересен одговор за новинарското прашање за заминувањето на одредени играчи поради неучеството во елитниот ранг.
Клоп пред неколку дена самиот призна дека разочарувањето е секако големо кај сите, а особено директен беше и Мо Салах кој на социјалните мрежи упати понизно извинување до навивачите. Сепак, се појавиле гласини и за одредени играчи кои биле незадоволни и сакале да го напуштат тимот поради неучеството во Лигата на шампионите, а тренерот Клоп даде навистина интересен коментар.
„Чув некои слични гласини, а и некаде прочитав дека некој сакал да си замине поради оваа причина. Ако било кој играч дојде кај мене и ми го каже тоа, јас лично со мојот автомобил ќе до одвезам во новиот клуб. Ќе ги земам клучевите и ќе го прашам во кој правец да возам. Не би можел да го разберам таквиот пристап. Јас обожавам да возам, па во таков случај ќе имам двојно задоволство – ќе уживам во возењето и ќе се „ослободам“ од играч што не сака да биде во мојот тим. – изјави Клоп.