Новото засилување на Ливерпул, Диого Жота одигра уште еден одличен натпревар откако беше донесен на „Енфилд“. Португалецот започна како стартер против Аталанта на сметка на Роберто Фирмино и постигна хет-трик во импресивната победа со 5:0.
Поранешниот напаѓач на Вулверхемптон веќе има седум погодоци на неговите први 10 натпревари, додека Фирмино постигна пет гола за тимот во текот на цела 2020 година. Ова веднаш го стави на дневен ред прашањето дали Жота нема потрајно да го замени Бразилецот од почетниот состав.
– Тоа беше одлука за вечерта. Таа се засноваше на формата на Диого и начинот на кој Аталанта играше и се бранеше. Квалитетите на Диого помагаат во овој случај. Но, понекогаш кога некој блеска во одреден момент, почнуваме да зборуваме за фудбалер кој има одиграно можеби 500 натпревари по ред. Ние дури и не би биле во Лигата на шампионите ако Боби Фирмино не беше со нас. Веднаш морам да објаснам зошто не беше во составот. Тој ќе биде во составот, изјави Јирген Клоп.
– За нас е важно да имаме повеќе од 11 стартери. Диого ја користи формата. Но, тоа не кажува ништо за Боби и воопшто не ми предизвикува главоболки. Јас сум повеќе од среќен што тие играа на тој начин.