Хрватскиот репрезентативец Андреј Крамариќ изјави дека неговиот тим може да го повтори резултатот од Русија на Светското првенство во Катар, но истакна дека најважно е прво да се помине групата. Во 2018 година, Хрватска загуби од Франција во финалето со 4-2.
„Во животот и во фудбалот ви треба малку среќа. Имаме квалитетен тим, но тоа мора да го покажеме на теренот. Можеме да го повториме резултатот од Русија, но најважно е да ја поминеме групата“, изјави Крамариќ на прес-конференција во Доха.
Напаѓачот на Хофенхајм дебитираше за Хрватска на големите натпреварувања на Европското првенство во 2016 година, а потоа играше и на Светското првенство во Русија во 2018 година, како и на минатогодишното Европско првенство. За националниот тим постигна 20 гола на 74 настапи, од кои 15 под водство на тренерот Златко Далиќ.
Предводникот на „коцкестите“ пред неколку дена изјави дека Крамариќ созреал и повеќе е фокусиран на позицијата на која игра.
„Сигурно е дека секој играч бара поддршка од тренерот, тоа е многу важна ставка во односот меѓу тренерот и играчот. Мотивиран сум, не се оптоварувам и се надевам дека подоцна ќе се радуваме на добри резултати“, изјави 31-годишниот напаѓач.
Крамариќ додаде дека очекува и потешки временски услови во Доха.
„Подготвени сме во нашите глави, временските услови и условите нема да бидат проблем. Можеби ќе настинеме од климатизираните стадиони“, заврши Крамариќ.
Светското првенство за Хрватска почнува кон крајот на неделата со дуел против Мароко.