Францускиот фудбалски шампион Пари Сен-Жермен попладнево го назначи Кристоф Галтие за главен тренер. Презентацијата на фудбалскиот стручњак се одржа за време на прес-конференција во Париз на стадионот „Парк де Пренс“.
Договорот со 55-годишниот Французин е на две години.
– Задоволство ми е да ве запознам со нашиот нов тренер, Кристоф Галтие. Многу сум среќен што сум со него. Денеска започнува нова ера на нашиот клуб, со нови задачи и нова мотивација. Го следевме Галтие и неговата работа во Сент Етјен, Лил и Ница. Горди сме и среќни што францускиот тренер се приклучи на нашиот проект, изјави на прес-конференција претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи.
Галтие на тренерската позиција во ПСЖ доаѓа на местото на Маурисио Покетино. Со 50-годишнито Аргентинец денес беше прекината соработката.