Дејан Ловрен е еден од најискусните играчи на Хрватска и на ова Светско првенство сочинува извонреден тандем со Јошко Гвардиол, играчот за кого се интересираат сите најголеми клубови во Европа.
Новинарите го прашаа Ловрен како гледа на бразилското танцување при прославата на головите на мундијалот во Катар, пред се поради тоа што Дејан во својата кариера имаше многу бразилски соиграчи во различни клубови.
– Што се однесува до танцувањето, тие може да прават што сакаат. Јас не гледам на тоа како непокажување респект и почит. Добро ги познавам, Бразилците се родени со песна и танц и живеат со тоа. Ги знам како дишат и нема ништо лошо во тоа. Секако, се треба да има свои граници, – вели Ловрен, кој е свесен дека Бразил во четвртфиналето влегува како голем фаворит.
– Бразил е фаворит, може да состави два тима по квалитетот на играчи кои ги поседува. Тие во секој момент можат да го променат ритамот на натпреварот. Ги почитуваме, немаме ништо против тоа што се фаворити, но и ние планираме да се појавиме и да се покажеме на теренот. Тие се фантастични, но ние сме подготвени за борба, – потенцира Ловрен.