Реал Мадрид дозволи шокантен пораз од ЦСКА Москва со 0:3 во дуел од Групата „Г“ на Лигата на Шампионите, одигран на стадионот „Сантијаго Бернабеу“.
Гостите од Русија успеаја да ги искористат на најдобар можен начин своите ретки можности пред голот на домаќините. Фјодор Чалов, Георгиј Шеников и Арнор Сигурдсон беа прецизни за московјани, чија победа сепак беше „пирова“.
И покрај поразот, Реал остана на првото место во групата и веќе размислува за осминафиналето, заедно со тимот на Рома.
ЦСКА отпаѓа од евротурнирите, завршувајќи на последното место, а Викторија оди во елиминациската фаза на Лига Европа, откако ги победи „волците“ со 2:1.
Домаќините во Плзен поведоа преку Јан Коваржик во 62-та минута, но шест минути подоцна, Џенгиз Ундер изедначи за Римјаните. Во 72-та, Томас Хори го реализираше „златниот гол“ за Чесите, кои ќе играат во второто по квалитет европско натпреварување и во пролетта 2019-та.