петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Мароко го посакува финалето на СП 2030 и гради голем стадион

Мароко го посакува финалето на СП 2030 и гради голем стадион

Светското првенство во 2030 година ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Мароко а неколку мечеви од групната фаза ќе се одиграат и во Јужна Америка, со што ќе се одбележи 100-годишнината од првиот планетарен собир.

Мароко имаше неверојатен успех на последниот Мундијал и го освои четвртото место, а сега оваа држава добива шанса и да биде домаќин на дел од натпреварите на најпрестижниот фудбалски турнир во светот.

Мароканската држава веќе започна со градење на нов, ултра-модерен стадион со капацитет од 113.000 гледачи, а медиумите во таа земја пишуваат дека Владата сака да се договори со останатите земји-домаќини и финалето од Светското првенство да се игра токму во Казабланка.

Првичниот план беше финалето да се игра на реновираниот „Сантиаго Бернабеу“ во Мадрид или на „Ноу Камп“ во Барселона, но доброупатени извори велат дека ако Мароко го комплетира новиот стадион до 2028 година, ФИФА би можела да одлучи финалето да се игра во Казабланка. Единствениот сериозен услов за финалниот меч е стадионот да нема капацитет помал од 80.000 гледачи, а тоа го исполнуваат само трите горенаведени стадиони.

Мароканската влада сериозно се зафати со организацијата на Мундијалот и најави инфраструктурни инвестиции во вредност од една милијарда и триста милиони евра. Мароканците ќе реновираат уште четири стадиони, а на нив во 2025 година ќе се одигра и следниот Африканскиот Куп на нации.