Она што го прикажаа Манчестер Сити и Реал Мадрид минатиот вторник беше фудбалска фантазија – деведесет и кусур минути без празен период, со стотици прецизни додавања, шанси и дури седум гола, сето тоа во турбо брзина. Не очекуваме ништо помалку и од реваншот во кој влегуваат со речиси подеднакви шанси за влез во финалето, но веруваме дека Манчестер Сити ќе оди во финале, а една од причините за тоа тврдење е што има помлад тим кој закрепнува побрзо од огромниот напор.
Секако, никогаш не треба однапред да го отпишете „кралскиот“ клуб, бидејќи, да цитирам еден од најценетите телевизиски коментатори од овие простори, „Реаловата мачка не е со девет, туку со десет животи“, што го демонстрираше во претходните две кола во кои и против ПСЖ и против Челзи се „враќаше од мртвите“.
Домашниот тренер Карло Анчелоти има многу повеќе причини да биде задоволен од резултатот од „Етихад“ отколку неговиот колега Пеп Гвардиола, бидејќи Сити пропушти шанса за поубедлива победа над најтрофејниот европски тим, кој повторно, искористи речиси сè што создаде. Главна улога повторно имаше Карим Бензема, стрелецот на неверојатни девет од 11-те гола на Реал во елиминационата фаза, но факт е дека средниот ред на шампионот во Примера потфрли и доколку англискиот тим ја добие битката и на „Сантијаго Бернабеу“, ќе заврши огромна работа. Дополнително, бековската линија на шпанскиот гигант е бавна и тешко се контролираат нафрлувањата од втор план, кои „граѓаните“ ги доведоа до совршенство, па кога сè ќе се погледне, двојката ги надминува останатите исходи.
извор: gol.mk