Нејмар стана најдобар бразилски стрелец на сите времиња и го престигна легендарниот Пеле, откако синоќа постигна два гола во победата од 5-1 над Боливија во воведното коло од јужноамериканските квалификациите за Светското првенство 2026.
Нејмар досега во кариерата настапи на 125 меѓународни натпревари на кои дојде до бројката од 79 голови, а Едсон Арантес до Насименто Пеле, кој почина во декември лани, постигна 95 голови на 113 натпревари, но тука се вклучени и бројни пријателски натпревари одиграни со бразилската репрезентација кои не се признаени од ФИФА.
Со тоа, Пеле, кој е трикратен светски првак со Бразил (1958, 1962, 1970) на 92 официјални натпревари има постигнато 77 голови, два помалку од Нејмар.
Најдобриот бразилски стрелец во историјата, кој од ова лето настапува за саудискиот клуб Ал Хилал, остана скромен по соборениот рекорд, истакнувајќи оти тоа не значи дека е подобар од Пеле.
„Многу сум среќен, немам зборови, бидејќи никогаш не замислував дела ќе го постигнам овој рекорд. Од овој момент, сакам да укажам дека тоа што го постигнав не значи дека сум подобар од Пеле“, им изјави Нејмар на бразилските новинари по натпреварот одигран во Белем. (МИА)