Шпанскиот суд во кој кон средината на октомври почна процес против бразилската фудбалска ѕвезда Нејмар за наводни неправилности при неговиот трансфер во Барселона во 2013 година, денеска во целост го отфрли случајот.
Покрај Нејмар, на обвинителната клупа во судот во Барселона се најдоа и неговите родители, поранешните претседатели на Барселона, Жозеп Бартомеу и Сандро Росел, како и поранешниот прв човек на Сантос, Одилио Родригез.
Случајот произлезе од тужба од бразилската компанија DIS, која поседуваше 40 отсто од правата на Нејмар додека бразилскиот репрезентативец настапуваше во Сантос.
Компанијата тврди дека трансферот на Нејмар од Сантос во Барселона бил реализиран по значително пониска цена од реалната пазарна вредност на фудбалерот.
Бразилската компанија за сите обвинети бараше затворски казни до шест години и парична казна до 195 милиони евра.
Судот одлучи да го „ослободи Нејмар“ и другите вкупно осум обвинети, истакнувајќи оти не се пронајдени докази за вина, а со тоа ниту „штета за обвинителите“.
Судењето, кое се однесуваше на делата корупција и измама, го одбележа вистински пресврт кога Обвинителството, кое првично бараше казна затвор од две години и глоба од десет милиони евра за Нејмар, го повлече обвинението за сите обвинети, и наведе дека тврдењата на бразилската компанија „не се темелат на докази“, туку на „претпоставки“.