петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Обвинение против уапсените хрватски навивачи – се товарат за четири кривични дела

Обвинение против уапсените хрватски навивачи – се товарат за четири кривични дела

Поднесено е обвинение против вкупно 104 за нередите што ноќта меѓу понеделникот и вторникот се случија во Атина кога беше убиен дваесет и деветгодишен навивач на грчкиот клуб АЕК.

Обвинението е поднесено против вкупно 104 обвинети, а се товарат за четири кривични дела – злосторничко здружување, убиство од небрежност, предизвикување експлозија и поседување распрскувачки материи, како и седум прекршочни пријави – нарушување на јавниот ред и мир, нанесување телесни повреди, оштетување на имот, насилство, нелегално носење оружје, употреба на оружје и поседување ракети.

Се наведува и дека сослушаните Хрвати не зборувале многу и рекле дека „не дошле да прават инциденти“, туку „психолошки да го поддржат тимот и да го гледаат натпреварот од кафулето“.

Меѓу уапсените имало и пет Хрвати кои имале намера да се качат на брод и да отпатуваат за Италија, а потоа по пат да стигнат до Хрватска. Исто така, во вторникот околу 16:00 часот на граничниот премин Кавкија е приведен деветнаесетгодишен Хрват кој се движел во автобус за Тирана. Откако бил сослушан во Јанина, бил уапсен и одведен во Атина.

Според информациите на „ЕРТ“, најмалку 50 учесници во немирите се уште се во бегство. Поради оваа причина, полицијата постави блокади на сите државни патишта и граници, а се врши и претрес на хотели и сместувачки капацитети.

Исто така, во текот на вчерашниот ден во Амбелокипио беа уапсени уште девет Хрвати за кои се покажа дека немаат никаква врска со групата хулигани, а набрзо беа ослободени.

Истовремено, од уапсените се зема генетски материјал за ДНК анализа во обид да се идентификува сторителот на убиството на 29-годишниот Михалис. Се собира и материјалот од надзорните камери, како и сите достапни материјали кои се објавени на интернет, бидејќи полицијата проценува дека меѓу уапсените е и извршителот на убиството.

Запленети се и возилата со кои Хрватите пристигнале во Грција, а се вештачат и мобилните телефони на уапсените Хрвати поради сомнеж дека навивачи на друг грчки тим контактирале со навивачи на Динамо.

„Станува збор за збратимени навивачи, па ќе се анализираат повиците испратени до нив за да се утврди дали имало телефонска комуникација меѓу грчки и странски хулигани. Имаше објави на социјалните мрежи за нивното пристигнување“, велат извори за „Прото тема“.

Полицијата, според ЕРТ, ги групирала уапсените според улогите што тие веруваат дека ги имале во инцидентите.

Инаку, од вкупно осум повредени, во болница се уште тројца Грци и еден Хрват. Исто така, мајката на убиениот Михалис била итно пренесена во болница откако, според грчките медиуми, доживеала срцев удар кога дознала за смртта на нејзиниот син.