сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Осминафиналната фаза се отвора со дерби- еве што кажаа селекторите на Франција и Аргентина пред денешниот меч

Осминафиналната фаза се отвора со дерби- еве што кажаа селекторите на Франција и Аргентина пред денешниот меч

Од 16 часот денеска осминафиналната фаза од Светското првенство ја отвораат Франција и Аргентина. Селекторите на двете репрезентации се огласија пред почетокот на овој меч и ги кажаа нивните очекувања.

Францускиот селектор, Дидие Дешамп кажа дека потребно е да „неутрализираат“ Лионел Меси.

-Тој знае со многу малку потези да направи голема разлика. Поради тоа ќе мора да го запреме, да го неутрализираме. На 127 натпревари за националниот тим има дадено 65 гола. Тешко ќе биде да се чува еден од најдобрите играчи на светот, меѓутоа ние ќе се обидеме. Се надевам дека по натпреварот ќе може да се пофалиме дека сме одиграле добро во одбраната, а секако треба да функционираат беспрекорно и другите линии. Покрај Меси, Аргентина има и други големи ѕвезди и врвни фудбалери и затоа очекувам исклучително тежок натпревар, истакна Дешамп.

Селекторот на Аргентина, Хорхе Сампаоли, пак пред натпреварот вели дека неговиот тим ќе биде под огромен психолошки притисок.

– Аргентина ќе игра со нож меѓу забите. Знаете какви се очекувањата во земјата и што значи  фудбалот за Аргентинците. Сите ја видовте реакцијата по пласманот во осминафинаето кој „висеше“ до последен момент. Не очекува тежок меч, но се зависи од нас самите. Мораме да ја контролираме играта. Ако не го сториме тоа ќе има многу физичка борба, а нам тоа не ни одговара. Франција е тим кој брзо ја движи топката, игра цврст фудбал и затоа не треба да им дозволиме да се „растрчаат“, рече Сампаоли.

Овие две репрезентации меѓу себе имаат играно само два пати во историјата на Мундијалите, а во двата наврати во 1930 и 1978 победник била Аргентина.

Натпреварот со кој ќе биде отворена елиминациската рунда на СП во Русија почнува во 16 часот, а во вториот меч вечерва од 20 часот играат Уругвај и Португалија.