Актуелниот светски и европски клупски шампион, тимот на Реал (М), се поготвува за големите кадровски промени кои ќе се случат за време на летниот преоден рок. Карим Бензема, Марко Асенсио, Еден Азар и Маријано Дијаз се првите фудбалери кои ќе ја напуштат клупската соблекувална. Станува збор за офанзивни фудбалери и затоа „кралскиот клуб“ планира да ангажира неколку квалитетни играчи на тие позиции.
Веќе се познати неколку трансфери кои ќе бидат потврдени во следните неколку дена. Џуд Белингам ќе биде купен од Борусија од Дортмунд за 100 мил. евра, а играчот на Еспањол, Хоселу ќе пристигна на „Бернабеу“ како слободен играч.
Првичниот план беше Карим Бензема да биде предводник на нападот и во новата сезона, но Французинот ја прифати богатата понуда од Саудиска Арабија.
Шпанското радио „Кадена СЕР“ откри дека капитенот на лондонскиот премиерлигаш Тотенхем, Хари Кејн, е прв пик на раководните лица, а истиот медиум откри неколку детали околу можниот трансфер.
Првичната понуда за искусниот напаѓач е 80 мил. евра, но челниците на Тотенхем нема да седнат на преговарачката маса доколку понудата е помала од 100 мил. евра.
Од друга страна, Кејн може да смета на 3-годишен договор кој му гарантира годишна заработка од 11 мил. евра. Освен за капитенот на „петлите“, Реал (М) е заинтересиран и за услугите на германскиот интернационалец од редовите на Челзи, Каи Хаверц. Станува збор за 23-годишен фудбалер кој беше купен пред три години од Баер од Леверкузен за 80 мил. евра.
-Мислам дека Реал (М) ова лето ќе потроши помеѓу 300 и 400 мил. евра. Ќе бидеме сведоци на голема револуција, напиша на Твитер шпанскиот новинар, Жозеп Педрерол.
Во изминатата сезона Кејн одигра 49 натпревари на кои постигна 32 погодоци, но и покрај фактот дека е сопственик на сите голгетерски рекорди во историјата на Тотенхем, репрезентативецот на Англија нема освоено ниту еден трофеј.