ПСЖ е подготвен да продаде неколку играчи за време на јануарскиот преоден рок.
Моментално тренерот Маурисио Покетино има на располагање дури 33 играчи и тоа изгледа како премногу. Клубот подготвува чистка, ќе се ослободи од некои играчи, за да се растерети буџетот, но и да се намали играчкиот кадар.
Според Лекип спортскиот директор Леонардо и сопственикот на клубот Ал Хелаифи сакаат да продадат неколку играчи во јануари, а меѓу најистакнатите е аргентинскиот напаѓач Мауро Икарди.
Иако се работи за врвен голгетер, Икарди нема место во нападот и добива многу малку простор за игра покрај Нејмар, Мбапе, Меси и Ди Марија.
Во Париз сакаат да заработат 50 милиони евра продавајќи го поранешниот играч на Интер, но таа цена сега изгледа превисока со оглед на слабата форма на Аргентинецот.
Абду Диало е еден од оние кои ќе се најдат на трансфер листата. Со доаѓањето на Нуно Мендеш и опоравувањето на Бернат практично нема место за Диало, а има проблеми и со повреди.
Трет на листата на отпишани е Курзава, кој несфатливо доби нов договор на почетокот на пандемијата на коронавирус. Исто така, би можел да замине и десниот бек Колин Дагба, а во јануари клубот има намера да се ослободи од Рафине, кој е повреден од октомври, и третиот голман Серхио Рико.
Ерик Јуниор Дина-Ебимбе е еден од талентираните млади играчи на ПСЖ, но наводно за него нема место во Паркот на принцовите и ќе се најде на трансфер листата за јануари.