Денес точно напладне Реал Мадрид го претстави своето најново засилување, турскиот фудбалски „бисер“, Арда Ѓулер. 18-годишниот Турчин пристигна во Мадрид и беше претставен на медиумите, а неговата мајка беше пресреќна и не можеже да ги задржи солзите.
Целото потесно семејство на младиот фудбалер присуствуваше во церемонијалната сала на „Сантиаго Бернабеу“, а емоциите беа големи кај сите, вклучително и кај Ѓулер. Се случи и еден интересен момент кога претседателот Флорентино Перез го изговори неговото име, па иако Арда Ѓулер не требаше веднаш да дојде на подиумот, тој стана и му се придружи на Перез додека сè уште го држеше својот говор.
Miscommunication 😅| Arda Guler went on the stage before Florentino could finish his speech. pic.twitter.com/NeSTe04joh
— Real Madrid Info ³⁵ (@RMadridInfo) July 7, 2023
Оваа ситуација беше навистина малку комична и ги насмеа повеќето присутни во салата. Фудбалското „чудо“ и најголемиот турски талент, пристигна од тимот на Фенербахче, а „кралскиот клуб“ за неговиот трансфер плати дваесет милиони евра.
„Младите играчи кои доаѓаат во нашиот клуб се јасна претстава за стратегијата што ја имаме. Сакаме да креираме големи ѕвезди кои во иднина ќе бидат носители на играта во Реал. Ние секогаш ги сакаме фудбалерите кои се подготвени да освојат буквално сè што може. Ѓулер беше следен од најголемите европски клубови и многу ми е драго што доаѓа кај нас. Добредојде, Арда“, изјави Флорентино Перез.
Младиот турски талент потекнува од школата на Генчлербирлиги, а потоа премина во Фенербахче каде постигна седум голови на 32 натпревари. Најпрво беше објавено дека Ѓулер ќе остане уште една година во гигантот од Истанбул, но изгледа дека веднаш ќе му се стави на располагање на тренерот Карло Анчелоти. Се претпоставува дека во блиска иднина тој ќе ја носи славната „десетка“ на Реал Мадрид, веднаш по заминувањето на Лука Модриќ.