Новајлијата на Тотенхем, Ричарлисон ќе го пропушти првиот официјален натпревар на тимот во сезоната 2022/23. Фудбалската асоцијација на Англија го суспендираше 25-годишниот Бразилец на еден натпревар.
На натпреварот од 35. коло во Премиер лигата меѓу Евертон и Челзи (1:0), навивачите фрлаа пиротехнички производи на теренот по голот на Ричарлисон. Напаѓачот зеде една од димните бомби во рацете и ја фрли назад кон навивачите.
Покрај дисквалификацијата, напаѓачот е казнет и со 25.000 фунти поради неприфатливо однесување.
Ричарлисон се пресели од Евертон во Тотенхем на 1 јули за 58 милиони евра. Првиот натпревар на Тотенхем во сезоната 2022/23 ќе се одигра на 6 август против Саутемптон во рамките на 1. коло од Премиер лигата. (МИА)