Претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина, побара одложување на колото од Серија А кое треба да се игра неколку дена пред бараж мечот за Светското првенство против Македонија.
Гравина смета дека одложувањето би било добро, со цел да им се помогне во подготовката на Аѕурите за решавачките мечеви за пласман на СП во Катар.
Европските шампиони се во опасност да пропуштат втор Мундијал по ред, па мечот со Македонија на 24-ти март во Палермо и евентуалниот пет дена подоцна на гости кај Португалија или Турција, се од исклучителна важност за нив.
Гравина бара 30-тото коло од Серија А, да не се игра на 19-20 март, со што репрезентацијата би имала повеќе време за подготовка. Ова е предлог на федерацијата, а треба да го усвои лигата.