Давид Силва (37) го објави крајот на својата професионална кариера.
Шпанскиот репрезентативец ненадејно се пензионираше откако ги скина предните вкрстени лигаменти на коленото за време на тренингот на Реал Сосиедад минатата недела. Тој процени дека на негова возраст најдобра опција е да ја заврши кариерата, иако за тоа не размислувал до пред една недела.
„Денес е тажен ден за мене. Денеска се збогувам со она на што го посветив целиот живот“, вели Силва во видеото што го објави на социјалните мрежи, а во кое се прикажани некои од најдобрите моменти од неговата богата кариера.
Muchas gracias…fútbol pic.twitter.com/HoB6TPojAd
— David Silva (@21LVA) July 27, 2023
Силва ја започна кариерата во Валенсија која го позајми на Селта и Еибар, но во 2010 година направи трансфер во клубот кој ќе ја одбележи неговата кариера – Манчестер Сити. Во Сити освои 13 трофеи, вклучувајќи четири титули во англиската лига. Тој беше и капитен на клубот и пред стадионот е поставена негова статуа.
Тој дојде од Сити во Реал Сосиедад во 2020 година, каде што беше многу важен член на тимот три сезони. Таму го освои Купот на кралот, што претходно го имаше со Валенсија, а сезонава освои и настап во Лигата на шампионите. Долги години играше за шпанската репрезентација и за неа забележа 125 настапи и постигна 35 гола, а освои и едно светско и две европски првенства.