среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Селекторот на Мароко: Ако некому му е доволно полуфинале, мене не ми е

Селекторот на Мароко: Ако некому му е доволно полуфинале, мене не ми е

Мароканскиот селектор Валид Реграги го најави полуфиналето на Мундијалот против Франција и порача дека неговата репрезентација може да ја освои титулата светски првак.

Реграги направи чудо со Мароко. Овој млад, но веќе многу трофеен стручњак, кој беше шампион со три различни тимови, а ја има и титулата во африканската Лига на шампиони, испиша историја затоа што стигна до полуфиналето со Лавовите на Атлас, што ниту една африканска репрезентација досега го нема направено.Но, тој не сака да застане тука. Иако ривал е моќната Франција, Реграги истакнува дека полуфиналето не му е доволно.

„Ако некому му е доволно полуфинале, мене не ми е. Ако стигнете до полуфиналето и не сте ‘гладни’, тогаш има проблем. Најдобар тим во светот е Бразил и тие веќе го напуштија првенството. Амбициозни сме и гладни, но не знам дали ќе биде доволно“, изјави Реграги на прес-конференцијата пред натпреварот.

Селекторот кој го наследи Вахид Халилхоџиќ смета дека Мароко може да ја освои титулата светски првак.

„Сакаме Африка да биде на врвот на светот, но мора силно да напредуваме. Не сме фаворити, но имаме самодоверба. Можеби тоа ме прави луд, но малку луд може да биде добро. Верувам дека одиме на финале“, изјави Реграги.