Шпанија и Португалија заеднички вчера влегоа во трката за организација на Светското првенство во 2030 година, со кое ќе се одбележи еден век од Мундијалите, откако најпрестижниот фудбалски турнир почна да се игра од Монтевидео во 1930 година.
Церемонијата на заедничката кандидатура беше одржана каде шпанскиот крал Фелипе шести и претседателот на Португалија, Марсело Ребело де Соуса го потпишаа меморандумот и договорот за заедничка кандидатура.
„Одиме 2030“ е мотото на кандидатурата, а моментот е избран со пријателскиот меч како одбележување на еден век од првиот пријателски меч на двете соседни пиринејски држави.
„Двете земји сакаат да изразат желба и посветеност за организација на Светското првенство во 2030 година“, објавија ко-кандидатите.
СП во Катар ќе се игра догодина, а САД, Мексико и Канада ќе го организират првиот Мундијал со 48 селекции во 2026 година.
Засега официјално нема други кандидатури, а во најава е заедничката на Велика Британија и Р. Ирска, како и јужноамериканската на Аргентина, Уругвај, Парагвај и Чиле, со тоа што Монтевидео би бил домаќин на завршницата со цел да се одбележи стогодишницата од првото СП во уругвајската престолнина.