Шпанската фудбалска лига (Ла Лига) поднесе денеска до УЕФА жалба против ПСЖ посочувајќи оти францускиот клуб ги прекршил правилата на финансиски ферплеј кога претходно овој месец му понуди продолжување на договорот на својот фудбалер Килијан Мбапе.
Реал Мадрид настојуваше ова лето да го ангажира францускиот репрезентативец, но Мбапе ја прифати понудата на ПСЖ да остане во клубот од Париз.
Ла Лига поднесе слична жалба и против Манчестер сити, за кој, исто така, наведе дека „континуирано не ги почитува прописите на финансискиот ферплеј“.
– Ла Лига смета дека овие практики ги менуваат екосистемот и одржливоста на фудбалот, им наштетуваат на сите европски клубови и лиги, и служат само за вештачко надувување на пазарот на пари, кој не е генериран во самиот фудбал, се наведува во соопштението на Лигата. (МИА)