Ждрепката во Нион претстојниот понеделник ќе ги одреди осминафиналните парови во Лигата на шампионите. Сите ќе го посакуваат Клуб Бриж, кому му се даваат најмали шанси за изненадување во нокаут фазата и до крајот на турнирот.
Манчестер Сити на Пеп Гвардиола, кој се засили со Ерлинг Халанд, остана прв фаворит за трофејот. Следува Баерн Минхен, кој со максимални шест победи ја заврши групната фаза. Третото фаворитско место му припаѓа на ПСЖ, со ударното трио Нејмар, Лионел Меси и Килиан Мбапе.
Ливерпул има поголеми шанси од бранителот на тронот Реал Мадрид, а потоа следуваат Челзи, Наполи на Ељиф Елмас и Тотенхем. Меѓу оние со најмали шанси за титулата се Клуб Бриж, Ајнтрахт Франкфурт и Порто.
Осумте победници на групите ќе бидат носители во првата нокаут фаза од Лигата на шампионите, што значи дека секој ќе биде извлечен против еден од осумте второпласирани од групната фаза, освен ако не се од истата земја.