вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Скалони: Фудбалот е спорт, но во Аргентина е повеќе од тоа

Скалони: Фудбалот е спорт, но во Аргентина е повеќе од тоа

Аргентинскиот селектор Лионел Скалони одговараше на прашања на прес-конференцијата, а во еден момент дури и се расплака во пресрет на голмото финале. Аргентина ја брка третата светска шампионска титула, која за сите нејзини членови би била прва, бидејќи последната е освоена во 1986 година со Диего Армандо Марадона. Пред тоа „гаучосите“ беа шампиони и во 1978 година. За Скалони, ова беше прекрасно „патување“, а колку емотивно го доживува големиот успех и пласманот на неговата селекција во финалето, говори фактот што се расплака во моментите кога зборуваше за фановите.

„Мојата емоција е дел од нашата култура, сè што се чувствува во Аргентина, она што луѓето го живеат. Ги имаме најдобрите навивачи во светот. Ги исполнуваме со радост, а сликите што ги објавуваат стигнуваат до нас и нè трогнуваат. Фудбалот е спорт, но во Аргентина е повеќе од спорт. Уживаме заедно во сите моменти тука. Ние сме големо семејство кое не сака да се раздели. Тоа е спектакуларно“, низ солзи рече Скалони.

Финалната средба на Мундијалот во Катар ќе се одигра в недела, со почеток од 16:00 часот.