Реал изгуби се што можеше да изгуби оваа сезона за само шест дена, и тоа среде Мадрид. Со три порази на „Сантијаго Бернабеу“ за Купот, Примера и Лигата на шампиони, клубот ги изгуби речиси сите шанси за трофеј до крајот на сезоната.
По неуспехот против Ајакс во Лигата на шампионите, многумина се запрашаа дали Сантијаго Солари е човекот кој треба да продолжи да ги води „белите“ со оглед на серијата порази.
Самиот Аргентинец тврди дека нема да се предаде до последно и не размислува за оставка.
-Не дојдов тука за да се предавам. Тоа не е во моите вредности и во вредностите на клубот. Не мислам за такви работи. Не е моја работа да си поставувам оценки, има луѓе за тоа, изјави Солари по натпреварот.
Тој потврди дека тимот се наоѓа во многу сложен момент, но токму сега тие треба да покажат карактер.
-Многу е болно, особено за нашите навивачи, кои застанаа зад нас и во трите натпревари во оваа тешка недела. Ние направивме сé што е во наѓа моќ, но не успеавме да ги оствариме нашите цели. Многу е тажно за сите овие момци, бидејќи тие се три пати по ред европски шампиони и сега се многу тажни. Но неуспехот денес само покажува колку тешко се постигнати овие успеси и колку се вредни. Да, сезоната ни е тешка, но ние сме тим со карактер и треба да го покажеме тоа. Во најлесните моменти е лесно, секој јава на бранот. Сега сепак треба да покажеме од што сме направени, вели Аргентинецот.
Една од причините за неуспехот беше решението на Серхио Рамос да си добие жолт картон во Амстердам при 2:1 за неговиот тим, очигледно мислејќи дека веќе сè е решено. Покрај дополнителната казна за играчот, тоа доведе и до целосен неуспех во одбраната на Реал против Ајакс.
-Не сакам да зборувам лошо за другите момци во одбраната, не сакам и така да звучи. Но на нас многу ни недостигаше Серхио Рамос. Сепак, тој е капитен и лидер на овој тим. Но одлуките се одлуки и тренерот треба да ги земе. Бесмислено е да се коментира што би се случео, доколку ситуацијата беше поинаква, рече уште Солари. (МИА)