Светското првенство во Катар, што почнува денеска, ќе биде единствено и по многу нешта различно од претходните натпреварувања и ќе се одржи во најмалата земја домаќин досега. Како и да е, „фудбалската магија“ на Катар ќе ги надмине сите претходни Светски првенства и ви пренесуваме 10 клучни бројки пред почетокот на смотрата на најдобрите, објави Кликс.ба.
Организацијата на Светското првенство во Катар ќе чини, според извештајот на Front Office Sport, неверојатни 220 милијарди евра, што е пет пати повеќе од последните седум турнири заедно. Вкупните трошоци го урнаа рекордот што претходно го држеше Бразил, каде организацијата на Мундијалот чинеше 15 милијарди евра.
Тие изградија шест целосно нови стадиони, од кои секој има ултра модерен климатизиран систем за заштита на навивачите и играчите од жештината, а само изградбата на стадионот Ал Бајт (капацитет од 60.000) чинеше три милијарди евра, трипати повеќе од стадионот „Стад де Франс“ во Париз, кој е изграден за потребите на СП во 1998 година.
Освен стадиони, Катар реализираше и големи други инфраструктурни проекти, изградба на аеродром, три подземни железници и сосема нов град – Лусаи, кој има хотели, терени за голф и луксузна марина, а овие трошоци се исклучени од проценката на вкупните трошоците за турнирот.
Сите стадиони се наоѓаат во радиус од 55 километри од главниот град Доха, а тоа беше клучниот аргумент што го презентираше катарската Влада во обидот да биде домаќин на првенството, наведувајќи дека сите објекти се лесно достапни.
Именуван по бројот на рециклирани бродски контејнери користени во неговата изградба, Стадионот 974, со капацитет од 40.000 седишта, ќе биде демонтиран по Светското првенство и повторно ќе се состави за да биде домаќин на спортски настани на друго место, иако следната дестинација сè уште не е позната.
Вкупно 3,2 милиони билети се достапни за турнирот, од кои една третина ќе оди кај спонзорите и превозниците, а според бројките на ФИФА, продажбата на билети достигнала 2,89 милиони евра до 17 октомври. Земјите кои купиле најголем број се редоследно: Катар, САД, Саудиска Арабија, Велика Британија, Мексико, ОАЕ, Аргентина, Франција, Бразил и Германија.
Во средината на октомври, катарските власти соопштија дека примиле меѓу 1,5 и 1,7 милиони апликации за Hayya картички, кои вообичаено се потребни за пристап до стадионите и бесплатниот јавен превоз. Иако бројката е помала од трите милиони навивачи кои присуствуваа на Светското првенство во Русија, ова секако ќе биде голем логистички предизвик за Катар, земја со само три милиони жители.
Недостигот на сместувачки капацитет во Катар значи дека вкупно 168 чартер летови ќе превезуваат навивачи од соседните земји секој ден од Светското првенство, вклучувајќи 60 дневни летови од Дубаи, 48 од Оман, 40 од Ријад и Џеда и 20 од Кувајт Сити. Во меѓувреме, Ер Франс привремено ќе ги обнови летовите од Париз до Доха првпат по 27 години, со три до шест летови неделно.
За уживање на Мундијалот во Катар потребно е да се издвојат просечно по 6.000 евра за покривање на трошоците за превоз, сместување и билети, што е два до три пати повеќе од буџетот што беше потребен за следење на Мундијалот во Русија.
Организаторите на турнирот наведуваат дека Катар на крајот ќе профитира од организацијата на ова натпреварување близу девет милијарди евра, а бројката се базира на проценката на Катар за трошоците за организација на настанот. Организацијата на Светското првенство во Русија во 2018 година на оваа земја и донесе профит од 12,5 милијарди евра.
За време на Светското првенство во Катар, во атмосферата ќе бидат испуштени 3,6 милиони тони CO2, но од невладините велат дека оваа бројка е многу поголема и дека организаторот се обидува да ја сокрие вистинската проценка на овие податоци.
Според извештајот на Гардијан, повеќе од 6.500 работници од Индија, Пакистан, Непал, Бангладеш и Шри Ланка загинале за време на изградбата на инфраструктурата за Светското првенство, што започна во 2010 година.