Сите кои помогнаа во спасувањето на животот на данскиот фудбалер Кристијан Ериксен откако тој по срцев удар колабираше на мечот со Финска на 12-ти јуни во првото коло на ЕВРО 2020, се добитници на наградата од претседателот на УЕФА.
Меѓу наградените е и капитенот на Данска, Симон Кјаер, кој го сврте Ериксен на страна за да не го голтне јазикот, и ги организираше соиграчите да застанат околу Ериксен додека му се даваше лекарска помош.
Наградени се и главниот доктор на УЕФА, докторот данската репрезентација и неговата екипа, дежурниот лекар на стадионот во Копенхаген, лекарот на терен, болничар, дежурните лекари од УЕФА кои беа на стадионот (едниот е Бугарин, докторот на Лудогорец). Според Александер Чеферин, тие се вистинските херои на ЕП, и ја заслужија наградата која се доделува од 1998 наваму.
На Ериксен кој има 29 години, му беше вграден минијатурен дефибрилатор, па тој веќе не смее да игра во Италија, иако е член на Интер.
„Вашата фантастична работа ми го спаси животот. Сакам да ви се заблагодарм на сите кои ми помогнавте. Големо благодарам до капитенот и мој пријател, Симон, и соиграчите, за поддршката на тој ден и подоцна. Им благодарам и на навивачите кои ми праќаа пораки, и секако благодарност до моето семејство, Многу ми значеше поддршката и ме правеше посилен“ – изјави Ериксен.