Извршниот комитет на УЕФА на последниот состанок донесе низа одлуки, меѓу кои најзначајна е онаа за промената за системот на натпреварување во Лигата на Нации.
Наместо фајналфор турнир од четирите победници во групите од елитното друштво, УЕФА одлучи да внесе нокаут фаза, во кои четирите првопласирани ќе играат против четирите второпласирани селекции, а победниците од овие двомечеви ќе се најдат на завршниот турнир.
Овој систем ќе стартува од Лигата на Нации 2024/25 и ќе овозможи нови натпревари меѓу ноември, кога завршува групната фаза, и Ф4 турнирите што редовно се закажуваат во месец јуни.
До промени ќе дојде и во пониските лиги, од кои дел е и Македонија. Победниците од лигите А, Б, Ц и Д одат лига погоре, оние последните испаѓаат еден ранг пониско, но со новите правила третопласираните селекции од Лигата А ќе играат против второпласираните од Лигата Б, потоа третопласираните од Лига Б против второпласираните од Лига Ц
Победниците од овие пресметки (дома гости) ќе се пласираат во повисокиот ранг на натпреварување, а поразените во новата сезона ќе играат еден ранг пониско.
Иако беше најавувано зголемување на бројот на учесници на европските шампионати, од 24 на 32 селекции, УЕФА сепак се реши да остане на истиот број на селекции како и на претходното ЕП.
Промени ќе има во европските квалификации за фудбалските светски шампионати, според новиот формат ќе бидат извлечени 12 групи од по четири или пет репрезентации. Победниците во групите ќе одат директно на СП, додека второпласираните ќе играат дополнителни квалификации со селекциите од Лигата на Нации. Новиот формат ќе биде имплементиран по ЕП 2024.