Откако официјално беше потврден трансферот на Алексис Санчез во Интер, медиумите од „островото“ повторно направија пресметки колку Чилеанецот ги чинел „ѓаволите“.
Алексис Санчез во Арсенал се промовираше во еден од најдобрите офанзивци во Премиерлигата, па Манчестер јунајтед не штедеше пари кога во јануари 2018 успеа да ги победи ривалите до потписот на Чилеанецот.
„Тоа беше најголемиот пост на Манчестер јунајтед на Инстаграм со два милиони лајкови и коментари, најсподелуваниот пост на Манчестер јунајтед на Фејсбу како и постот кој доби најмногу ре-твитови на Твитер. Исто така, хаштагот Алексис7 беше трендинг топик на Твитер ширум целиот свет“ – се фалеше Ед Вудворд по комплетирањето на зделката.
Очекувањата беа големи, но трансферот набрзо се претвори во кошмар, Алексис Санчез во дресот на „ѓаволите“ беше само бледа сенка од играчот кој ги полнеше противничките мрежи во Арсенал.
Алекси Санчез стана најплатениот играч на Олд Трафорд, се шпекулира дека неделните примања му се 560.000 фунти, па бидејќи ефектот на терените беше никаков, раководството на клубот за кратко време почна да му бара нов клуб.
Минатото лето конечно успеаја да го испратат на позајмица во Интер и тоа откако се сложија да плаќаат дел од платата. На „Меаца“ тој привремено покажа што умее, па „нероаѕурите“ решија да го задржат но под услов да не платат ниту едно евро за обештетување.
Манчестер јунајтед се сложи (одредени извори велат дека „ѓаволите“ дури и му платиле на Алексис Санчез да си оди) со оглед на тоа дека ќе заштедат помеѓу 40 и 60 милиони фунти на име на плати во следните две сезони.
За тоа колкаво промашување беше трансферот на Алексис Санчез на Олд Трафорд, говори пресметката која ја направи Сан.
Весникот вели дека Манчестер јунајтед на Чилеанецот му платил речиси 60 милиони фунти, а тој постигнал само пет гола, па секој гол чини речиси 12 милиони фунти. Во Премиерлигата погоди само три пати, па секој гол во најсилното првенство на Англија чини речиси 20 милиони евра.
Веројатно најразочарувачки е тоа што секој допир на топката чинел 28.000 фунти.