Тренерот на Барселона, Ернесто Валверде зеде став за жешката тема со одбивањето на Реал Мадрид да направи шпалир на каталонците пред „Ел Класико“.
Големиот меч е утре од 20:45 часот, а специјалистот рече дека не го прифаќа како недостаток на почит фактот дека „белите“ не ја прифатија идејата за правење на оваа чест на шампионот на Ла Лига.
– Разговаравме многу за ова. Ова е нешто што секако не е важно ако не се коментира толку многу. Сè ми се чини нормално, јас не го прифаќам тоа како недостаток на почит и не му давам значење, рече Валверде.
Еден од столбовите во составот на Барса, Андрес Иниеста, го напушта клубот по 22 години и ќе го одигра последното „Ел Класико“. Запрашан за ова, Валверде објасни: „Иниеста ја објави одлуката околу месец, месец и половина. Очигледно, не можев да кажам ништо. Мислам дека неговиот потег е прилично добро обмислен. Ние немавме разговор во кој јас се обидувам да го убедам во нешто“.
Што се однесува до поврзувањето на напаѓачот на Атлетико Мадрид, Антоан Гризман со трансфер на „Камп Ноу“, Валверде изјави дека тој е фудбалер на друг клуб и не е коректно да се зборува за него.
МИА