Тренерот на Вардар, Александар Васоски на прес-конференцијата по поразот од Пјуник (0:2) на Градскиот стадион во реваншот од првото квалификациско коло на Лигата на Европа изјави дека разочарувањето е големо, но дека ова треба да биде „отрезнување“ за сите во тимот и да се почне со сериозна работа. за да се подобрат работите во иднина.
– Имавме две шанси и не ги искористивме. Како што кажав и претходно, имавме незгоден резултат, затоа што знаевме дека ако примиме гол, тешко ќе можевме да се вратиме. На крајот, за жал, примивме еден, па потоа уште еден. Таков е фудбалот, рече Васоски, за кого ова е дебитантски како прв тренер на Вардар.
Тој додаде дека ова е „тежок пораз и тежок удар“ за „црно-црните“ но треба да излезат посилни од оваа ситуација, и да се фокусираат максимално кон следните предизвици.
– Свесни сме дека секој пораз на Вардар боли, затоа што е најголем клуб во Македонија и има многу навивачи. На сето ова, влијае фактот што екипата претрпе сериозни играчки промени за разлика од лани кога го направивме тој успех. Не е тоа истиот тим од минатата сезона, има многу промени на речиси секоја позиција. На новите играчи кои дојдоа им треба време да се вклопат, да се воиграат во новата средина, исто така на младите им е потребно искуство. Не сакам никого да навредам, секој член на Вардар поседува квалитет, меѓутоа промените во составот очигледно имаа последици, изјави Васоски на пресот по поразот со Пјуник.