Арсен Венгер на крајот на сезоната ќе го напушти Арсенал по 22 години, а во тој период на тимот од Лондон му донесе три шампионски титули, од која последната датира од веќе далечната 2004-та година.
Во првите сезони во Арсенал, францускиот експерт постави високи стандарди, кои подоцна не успеаја да ги задржи.
Трите ФА купови во последните години од неговата ера до одреден степен претставува утеха, но многу посилен впечаток остава фактот дека тимот две сезони по ред не успеа да се квалификува за Лигата на шампионите, ниту пак беше конкурентен на ривали како Челзи и Манчестер Сити.
Во интервју за „Скај Спорт“, Венгер, пред неговиот последен натпревар на домашен терен, рече дека сé уште верува во иднината на Арсенал.
– Клубот 10 години минуваше низ тежок период, поради изградбата на новиот стадион, но по 2016 година, ми се чинеше дека повторно ќе биде доволно финансиски моќен за да се бори за титулата. Не можев да претпоставам дека некои ривали ќе одат на уште повисоко ниво и ќе тоа ја отежни нашата задача, но сепак верувам дека Арсенал ќе се бори за да ја освои Премиер Лигата, рече Венгер.
Тој денеска од 17:30 часот против Барнли последен пат ќе ги води „топџиите“ на домашен терен, затоа што во последните две кола гостува на Лестер и Хадерсфилд.
Што планира за во иднина, имајќи предвид колку години има (68), во овој момент не знае ни самиот.
– Не знам дали ќе паузирам, сите опции се отворени. Јас не може да го замислам животот без фудбал, дури и ако не работам, јас ќе гледам натпревари секој ден. Тоа нема да се промени. Но, за голема одлука, потребно е малку време, бидејќи 22 години живеев многу интензивно, додава стратегот.