Нова снимка од Градскиот стадион пред натправарот Шкупи Левски Софија во Скопје, покажува дека бугарските навивачи биле насилни кон полицијата. Тие фрлаат со метални шипки, со шишиња и со други предмети.
Токму бугарските новинари денеска бараа од министерот Бујар османи да ги коментира изјавите од некои бугарски политичари дека со овие инциденти Македонија се оддалечува од Европа. Тој кажа дека „тоа е жално и некоректно“. Повтори дека сите што ќе се обидат да извлечат политички анализи од тензии помеѓу навивачи, тоа го прават злонамерно и не мислат добро на односите меѓу двете држави.
– Ставот на МНР на Република Бугарија беше коректен и тоа јас го ценам како однос на бугарската држава. Политичките партии коишто се обидуваат да добијат политички поени на основа на тензии меѓу навивачите, не и мислат добро ниту на Бугарија, ниту на Северна Македонија, ниту на односите помеѓу двете држави, уште помалку на основа на тензии меѓу навивачи да ја процениме европската подготвеност на Северна Македонија, рече Османи.
Навивачите на Левски кои беа уапсени поради инцидентите пред натпреварот со Шкупи беа пуштени на слобода.
Навивачите од Софија кои останаа во Скопје ги собрале неопходните пари за да ја платат казната за уапсените фанови (150 до 200 евра по лице), по што бугарските хулигани беа пуштени на слобода и заминаа во Бугарија.
Според бугарскиот портал „Гонг“, вината за инцидентите на стадионот треба да се бара кај лицата од обезбедувањето најмено од страна на Шкупи.