Жрепката за квалификациските групи за пласман на ЕУРО2024 во фудбал ќе се одржи идниот октомври во Франкфурт, соопшти денеска Европската фудбалска асоцијација (УЕФА).
Квалификациските групи за пласман на завршниот турнир, чиј домаќин ќе биде Германија, ќе бидат формирани на 9 октомври идната година во „Месе Франкфурт“, најголемиот светски организатор на трговски саеми, конгреси и различни јавни настани.
УЕФА не го објави форматот на квалификациите, но се очекува 54. европски репрезентации со жрепка да бидат поделени во десет квалификациски групи со по пет или шест национални тимови.
Пласман на ЕУРО 2024 би обезбедиле двете првопласирани репрезентации во групната фаза, а преостанатите учесници би биле познати по завршувањето на Лигата на нации во март 2024 година.
– Жрепката е прв чекор за многу репрезентации, кои сакаат да учествуваат на Европското првенство во 2024 во Германија. Се радуваме на возбудлива жрепка и на секоја од репрезентациите и посакуваме фер и неизвесно натпреварување, кое ќе одлучи кој е најдобриот во Европа, порача попладнево извршниот директор на ЕУРО2024, Филип Лам.