Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан рече дека неговите избраници синоќа на дуелот со Бетис (1:2) го имале најлошото издание во тековната сезона.
– Беше лош натпревар. Не успеавме да се наметнеме ниту во првото полувреме, ниту во второто. Направивме многу грешки. Кога делувате на различно ниво, работите се комплицираат. Го одигравме нашиот најлош натпревар во сезоната. Немавме доволно посед на топката, агресивност. Јас сум одговорен за тоа. Не треба да паничиме, но не можеме да бидеме среќни. Не ги обвинувам играчите. Јас сум со нив до смрт, изјави Зидан.
Тој се надева дека до крајот на првенството неговиот тим има шанси да се врати на врвот на табелата во Ла Лига.
– Останаа 11 натпревари, ќе се бориме за трофејот во првенството. Имаме добра сезона досега, истакна Зидан.
По 27. кола во Шпанското фудбалско првенство, лидер е Барселона со 58 бода, Реал е втор со 56.