Директорот на кошаркарската лига на Србија, Александар Грујин најави дека српските клубови, вклучувајќи ги и Црвена ѕвезда и Партизан, постигнале договор нивната лига од сезоната 2025/26 да биде професионална и со резултатите од тоа натпреварување, да се избодува место во Европа. Ако ова се случи, најмногу ќе настрада регионалната АБА лига која сигурно ќе престане да постои во актуелниот облик.
„Се договоривме дека од сезоната 2025/26, нашата лига ќе стане професионална. Во неа би играле и Црвена ѕвезда и Партизан, па сите екипи кои ќе бараат излез во меѓународни натпреварувања, тоа ќе гоправат со резултати од домашната лига. Со тоа ќе се формира силна српска лига во која би играле најсилните клубови и нема да има потреба да учествуваат во регионална лига“, вели Грујин.
Во новата сезона од АБА лигата, од вкупно 14 клубови, дури пет се од Србија и тоа Црвена ѕвезда, Партизан, Мега, ФМП и Борац. Од 2014 година кога првак беше Цибона, во следните девет години, дури осум пати шампионот во АБА лигата беше српски тим. Само во 2018 година, доминацијата ја прекина Будуќност.
По оваа одлука на челниците во српската лига, со реакција се јавија од Партизан, каде Црно-белите преку соопштение како да објаснија дека повеќе сакаат да останат во АБА лига, отколку да влезат во Српска лига.