Новиот селектор Драган Бајиќ денеска официјално ја презеде македонската сениорска кошаркарска репрезентација и најави подмладување.
– Просечната возраст изнесува околу 24 години и мислам дека тоа треба да биде патот за иднината. Се надевам дека ќе можеме да ги повториме резултатите од некоја не толку далечна иднина. Се што правевме од почетокот на моето преземање е со таа цел и јас од него не планирам да се откажам. Сакам репрезентацијата да се подмлади, да направиме некој план и пат за во иднина за да успееме да се вратиме на големите натпреварувања. Од моето назначување, се обидов да ги следам сите кандидати за националниот тим, разговарав со сите нив и избрав некои момци на кои сега можам да сметам. Ќе бидат тука 16 кошаркари кои ќе ги користиме во тренажниот процес и сите ќе конкурираат за репрезентацијата, рече Бајиќ пред првиот собир на сениорите во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
Претходните денови тој тренираше со неколку потенцијални репрезентативци кои треба да бидат потпора на поискусните, додека оние кои го носеа товарот претходните години, почнаа денеска.