По натпреварот, селекторот на машката кошаркарска репрезентација Драган Бајиќ им честита на играчите за доброто издание во првото полувреме и искрено се надева дека во февруари ќе има комплетен тим за да го види најдоброто од Македонија.
„Честитки за Украина за победата. Морам да ги пофалам момците за првото полувреме кога е во прашање. Имавме краток период на подготовка за овој меч. Ги испочитувавме работите за кои се договоривме во поголемиот дел од мечот. Влеговме во дуелот во спор ритам, не дозволивме Украина да се разигра, менувавме одбрана, имавме контрола на играта, го држевме и скокот под контрола, немавме грешки, но во вториот дел како да снемавме енергија. Можеби напорниот пат си го направи своето. Загубивме фокус и концентрација, на крајот тоа одлучи за конечниот резултат. Шпанија и Украина беа доста тешки натпревари за нас. Мора да одиме понатаму, има уште натпревари да се играат и во февруари се надевам дека ќе бидеме комплетни. Ни фалат пет играчи, тоа многу ни прави проблем“, изјави Бајиќ.
Следниот квалифкациски натпревар Македонија повторно го игра на гости. Во февруари се патува кај селекцијата на Грузија која е трет наш ривал и воедно последен во оваа квалификациска група за СП 2023.