По мечот со Украина селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија Драган Бајиќ зборуваше опширно за натпреварот, но се осврна и на други теми.
„Честитки до селекцијата на Украина за победата. Сакам да и се заблагодарам на публиката, се надевам дека беа задоволни од односот на теренот. Првата четвртина пресуди, примивме премногу поени, а и тие беа многу шутерски расположени. Премеко влеговме, не бевме доволно агресивни. Бевме хендикепирани на високите позиции, па некои ситуации моравме да ги играме поинаку. Украинците имаа искусни играчи, а ние не одигравме дел од тактиката која ја договоривме. Потоа заигравме подобро, се вративме во натпреварот до полувремето.
Им сугерирав на гирачите да веруваат во себе, да изгинат на паркетот, бидејќи мечот не е готов. Во два наврати покажавме карактер, а во одредедни моменти имавме пад на концентрацијата и промашени зицери беа можеби пресудни да не славиме. Бевме на четири поени дефицит, направивме план како да се обидеме да се вратиме. Му дадов шанса на Јакимовски во важен момент да земе шут, иако во тимот има играчи како Војдан. Сепак, задоволен сум од одиграното. Имавме тежок меч со Шпанците, па и долг пат. Кратко се подготвувавме за оваа средба и дадовме максимум. Со ваков пристап и однос, ако сме комплетни, ќе бидеме многу поопасни. Јас ниту еднаш немав среќа да бидеме комплетни и да уживам во целосниот квалитет на репрезентацијата. Сепак, горд сум на оваа група момци“, започна селекторот.
Бајиќ ги посочи проблемите со подмладувањето на тимот кое според него доста доцни. Тој зборуваше за младите имиња, а најави и американски плејмејкер за во иднина. Меѓу другото, зборуваше и за својот договор и неговото останување на клупата.
„Откако ја презедов репрезентацијата, не бев целосно свесен за ситуацијата. Не сум задоволен од состојбата, дел од играчите имаат поголема минутажа тука, отколку во тимовите. Претходно требало да се реагира и да се дава шанса на младите играчи порано. Минатото лето одигравме одлично, вложивме огромен труд за да се најдеме во оваа група. За нас ова е добар резултат. Низ целиот циклус, минаа многу играчи, се обидов со многу имиња. Сега имам појасна слика за составот и можностите на тимот. Ни недостига одличен плејмејкер, можеби Американец за да ја раздвижи екипата. Во континуитет мора да повикуваме помлади играчи, за да се подмлади екипата. Секој млад кошаркар мора да има однесување, упорност и поради тоа да добива шанси. Се надевам процесот ќе заврши побрзо, јас им давам шанси на младите. Ќе ја анализираме ситуацијата со федерацијата. Немам ниту една замерка за организацијата и за соработниците. Пријатно се чувствувам тука. Можеби го ризикувам моето здравје за да бидам тука. Ќе видиме што носи иднината, ќе договориме со управата на КФСМ дали ќе останам тука. Сепак, ако некој смета дека јас сум најголемиот проблем во оваа ситуација за македонската кошарка, лесно може да се реши проблемот“, заврши Бајиќ.
Следен предизвик на Македонија ќе бидат претквалификациите за Европското првенство кои стартуваат во август.