недела, 3. декември 2023. Вести денес: 0
home Кошарка

Бајиќ: Ова е историски момент за македонската кошарка

Бајиќ: Ова е историски момент за македонската кошарка

Кошаркарите на Македонија вечерва претрпеа срамен пораз од Словачка (72-88), селекција што реално е далеку зад нас според квалитетот, но и покрај тоа го освои првото место во претквалификациската група во Скопје и го продолжи патот кон СП 2023.

Жолто-црвените првпат од осамостојувањето ќе играат за место на еден Мундобаскет, со оглед што во претходниот циклус не стигнаа до квалификациите, а претходно место на овој собир се обезбедување исклучиво со добар пласман на континенталните собири.

„Јасно е дека оставивме лош впечаток за крај. Но и покрај тоа, би сакал да им честитам на момците, ја остваривме целта и први одиме во квалификациите за СП 2023. На стартот никој не веруваше дека можеме да ја минеме оваа фаза. По поразот од Швајцарија и најголемите оптимисти кренаа раце од нас, но работевме чесно и чесно ни се врати со резултат. Тешко беше психолошки да го подготвам тимот за дуел во кој можеш да загубиш со 20 разлика. На овој турнир имавме добра одбрана, но на овој натпревар потфрливме. Немавме однос на терен како на претходните мечеви. Ова е историски за македонската кошарка, да се играат квалификации за СП 2023. Ние останавме без девет играчи во ростерот и ќе мора да мине малку време за да се види кој од играчите кои не ни помогнаа сега, ќе можат да помогнат понатаму. Доаѓа европската елита, сакам да им дадам шанса на сите и на помладите играчи, кои во следните години треба да бидат со репрезентацијата“, изјави селекторот Драган Бајиќ.

Ждрепката за квалификациските групи ќе биде одржана до крајот на месецот, а Македонија се очекува да биде во претпоследниот барабан како една од четирите првопласирани екипи од претквалификациите, што значи дека теоретски би можеле пак да се паднеме во група со Словачка. Квалификациите, пак, треба да почнат во ноември, секако ако тоа го дозволи пандемијата со коронавирусот.