Бостон се пласираше во финалето на Источната конференција на НБА, откако триумфираше со 114:112 против Филаделфија и така ја освои серијата со 4:1 во победи.
Со повеќе искуство, и покрај отсуството на Каири Ирвинг во плејофот, Бостон целосно го заслужи своето место меѓу најдобрите четири во Лигата.
За место во големото финале, Селтикс ќе спори со Кливленд Кавалирс втора година по ред.
Натпреварите во целата серија помеѓу Бостон и Филаделфија беа изедначени, откако се решаваа во самиот крај, и овој петти судир не беше поинаков.
Сè беше решено во последните минути, иако домаќините имаа мала предност речиси во текот на целиот натпревар.
Филаделфија во последната четвртина влезе со четири поени предност, и водеше со поен на три минути пред крајот, по тројка на Дарио Шариќ.
Бостон, пак, уште еднаш го врати водството и во последните секунди водеше со 111:109. Џоел Ембид пропушти огромна шанса да изедначи, откако беше блокиран од Арон Бејнс под кошот.
Џеј Џеј Редик, исто така, имаше последна шанса да го реши натпреварот во корист на Филаделфија, но промаши по шут за три поени.
Џејсон Тејтум одигра уште еден одличен натпревар во серијата, откако заврши со 25 поени при победата. Џејлен Браун додаде 24, а уште четири други играчи од Бостон забележаа двоцифрен број поени.
Дарио Шариќ и Ембид завршија со „дабл-дабл“ од 27 поени, првиот со 10 скока, а вториот со 12. Бен Симонс се истакна со 18 поени, 8 скока и 6 асистенции.