Најважниот дел од сезоната за кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром допрва претстои. Тоа е плејофот во АБА2 лигата, чиј домаќин ќе биде токму македонскиот шампион.
На турнирот што ќе се игра во СЦ Јане Сандански од 13 до 17 април, сино-белите во четвртфиналето за противник ќе ја имаат црногорската екипа Сутјеска од која во регуларниот дел од сезоната (8 коло турнир Бања Лука) загубија со еден поен разлика.
. „Поразот во првиот меч не мотивира повеќе, да потврдиме дека сме подобар тим од Сутјеска и дека тоа беше сало лоша среќа. Но, натпреварот што претстои ќе биде многу поинаков. Влогот е голем, се игра само еден натпревар, нема прво на грешка, па затоа мораме да бидеме максимално фокусирани и да ги спроведеме сите договорени задачи“, вели капитенот Дамјан Стојановски.
Поддршката од трибините ќе биде од голема помош, па Стојановски верува дека и овојкат ќе биде така.
„Знаеме дека со поддршката од нашите верни навивачи секогаш да одиграме многу подобро. Со нивната поддршка сме се враќале и од безизлезни ситуации и сме победувале, а потоа и заедно радувале. Верувам дека и овојпат ќе биде така и дека со нашите навивачи ќе може да прославиме пласман во прволигашкото друштво“, додава Дамјан.
Веќе неколку дена се пуштени во продажба влезниците не само за поединечните натпревари, туку и како блок карти за сите дуели.
А, првиот кошаркарите на МЗТ ќе го имаат во среда од 18 часот за кога е закажан мечот со Сутјеска.