Откако ги пропушти претквалификациите за Евробаскетот 2025, кошаркарот на руски Уникс, Ненад Димитријевиќ, се врати во составот на македонската кошаркарска репрезентација и ќе биде подготвен за претстојниот турнир во Талин во рамки на првата фаза од квалификациите за пласман на Олимписките игри 2024 во Париз.
Македонските кошаркари од 12 до 15 август во естонската престолнина ги очекува претквалификацискиот олимписки турнир против домаќинот Естонија, Израел и Чешка, а првопласираната репрезентација ќе обезбеди пласман на главниот турнир во Полска од 16 до 20 август во Гљивице.
„Ги знаеме нивните квалитети, знаеме дека ќе играме против сериозни репрезентации … Целта е да запишеме две победи и да одиме во Полска. За тоа и се подготвуваме. Но ќе одиме од натпревар до натпревар. Мислам дека така е најпаметно да гледаме на работите. Потоа ќе се сконцентрираме на она што следува“, изјави попладнево Димитријевиќ за официјалниот сајт на КФСМ.
Македонската репрезентација во рамки на подготовките за турнирот во Естонија овој викенд во Белград ќе одигра два пријателски натпревари против Полска.
„Натпреварите со Полска се предвидени токму за тоа, да се подготвиме за тоа што следува, за турнирот во Талин. И се надевам дека ќе бидеме подготвени за оној прв натпревар таму во Естонија“, додаде Димитријевиќ.